15/05/2026
ФИЛИП ОНДУРШЕК: ГОТВАЧОТ ШТО ГО ЗАМЕНИ ЛУКСУЗОТ СО ЛОКАЛНИ НАМИРНИЦИ
🥘Веднаш на почетокот, имаме голема мистика- кој е навистина Филип Ондрушек, шеф што готвел за принцови, работел во најдобрите ресторани во светот, го запознал блесокот на луксузот, а сега е вљубен во локалните вкусови.
На „прва топка“ изгледа како уште еден светски познат chef од Michelin сцената. Но приказната на Филип Ондрушек е многу поинаква од класичниот гастрономски гламур.
Додека многумина сонуваат за луксузни ресторани, приватни авиони и VIP клиенти, Ондрушек последниве години патува низ светот барајќи нешто сосема друго – заборавени рецепти, локални производители, диви билки, стари техники на готвење и приказни на кои им се заканува исчезнување во заборав.
🍲Неговата гастрономска приказна започнала уште како тинејџер: на 15 години влегува во светот на професионалната кујна, а наместо предвидлив живот за младо момче - дискотеки и излегувања, тој одбира 18-часовни смени, миење садови и работа во најстрогите кујни во Европа.
Но токму таа опсесија со храната му ги отвори сите врати.
До својата 24-та година веќе има работено и стажирано во ресторани со Michelin ѕвезди во Шпанија, Австралија, Перу, Австрија, Канада и САД. Бил дел од кујни кои важат за едни од најдобрите во светот, а како што самиот вели - најголем впечаток му оставил легендарниот ресторан Central во Перу, кој подоцна беше прогласен и за најдобар ресторан во светот.
🫚Таму, во Перу, научил нешто што целосно му го сменило погледот кон гастрономијата.
„Не се работеше само за готвење. Одевме во шума и користевме состојки што луѓето ги сметаат за нејадливи“, раскажува Ондрушек.
Неговата кариера подоцна добива уште поневеројатен пресврт – готви за саудискиот принц, а работата во кралскиот двор му носи огромно искуство, и скоро филмска приказна. Во едно интервју открива дека добил „златна картичка“ и правило според кое зборот „не може“ едноставно не постоел.
Ама, и покрај луксузот, приватните настани и high-end гастрономијата, Ондрушек никогаш не останувал врзан за еден град или ресторан. Тој самиот себеси се нарекува „готвач патник“.
Патувал и готвел во Африка, Јапонија, Австралија, Америка, Скандинавија, Блискиот Исток и Латинска Америка. Често пристигнувал во нова земја само со ножеви, неколку алатки и желба да ги открие локалните вкусови.
🥗Особено е познат по неговата филозофија за „zero waste“ гастрономија - кујна без отпад. Наместо скапи и егзотични производи, тој преферира сезонски состојки, локални пазари и директна соработка со малите производители.
Интересно е што, иако работел во ресторани со 2 и 3 Michelin ѕвезди, Ондрушек денес верува дека иднината на гастрономијата не е во скапите декорации и комплицираните техники, туку во локалните состојки, традицијата и одржливоста.
„Иднината на кујната е во балансот помеѓу традицијата и иновацијата“, вели тој.
Токму затоа неговото доаѓање во Македонија не е случајно.
Наместо класичен гастро-туризам, Филип Ондрушек сака да ги открие охридските и битолските пазари, буковскиот пипер, медот од Дихово, охридската пастрмка, мариовската традиција и старите македонски рецепти.
А таков е и како човек: луѓето кои работеле со него раскажуваат дека, тој не сака луксузни хотели – туку автентични сместувања, исти такви приказни и луѓе што ја живеат храната.
🎯 Филип Ондрушек од 19 до 26 мај е гостин на Слоу Фуд мрежата во Македонија со богато организирана програма, која ќе ги поврзе вкусовите, традициите и приказните на локалните производители.
💪 Организатори: Slow Food Macedonia, Slow Food Ohrid, Slow Food Bitola, Slow Food Алијанса на готвачи.
Поддржувачи: Општина Охрид, Факултет за туризам и угостителство - Охрид, Monastery Winery, Бавча Канео, Food Republic.mk, Utopia Private Members Club.
#ФилипОндрушек #СлоуФудМакедонија #ЛокалнаХрана