19/05/2026
Добар ден драги пријателки и пријатели, но денес од дождливото Скопје.
Малку изморени од долгото патување …(летавме 11 часа од Мајами за Истанбул а по кратка пауза полетавме за Скопје) но најбитно од сѐ стигнавме здрави , насмеани,исончани и полни со импресии.
Но драги мои Ви останавме должни за уште една прекрасна приказна …. Мајами, Мајами Бич и Еверглејдс.
Нашето патување почнува на Мајами Бич.
Бевме сместени на самата линија каде што океанот ги бакнува облакодерите,
во хотелот Риу Плаза на Мајами Бич (Riu Plaza Miami Beach).
Локацијата?
Чиста перфекција.
Услугата?
Толку добра што во еден момент помисливме дека сме холивудски ѕвезди, а не обични смртници со пасоши.
Наутро нè будеше звукот на Атлантикот, а појадокот со поглед на палмите веднаш ни стави до знаење дека следните неколку дена ќе бидат сè, само не досадни.
Мајами Бич е приказна за себе. Тоа не е само плажа, тоа е модна писта на отворено, фитнес центар под сонцето и сцена каде што секој минувач глуми во свој сопствен спот.
Тука ќе видите луѓе кои возат ролери во неонски костими од 80-тите, бизнисмени кои зборуваат на телефон додека сурфаат и кучиња кои носат очила за сонце 😊
Но, зад овој блескав екран на палми и песок, се крие историја која нè повика да ја истражиме зад сцената.
1. Непокорените корени на Семинолите
И додека денес најголемата битка на Мајами Бич е како да фатите подобра сенка под чадорите, пред само двесте години, вистинската битка за опстанок се викала – племето Семиноли.
Овие луѓе се живиот доказ за инаетот и издржливоста.
Замислете, тие се единственото индијанско племе во САД кое со гордост го носи епитетот „Непокорениот народ“, бидејќи никогаш не потпишале официјален мировен договор со американската влада! Едноставно се повлекле во мочуриштата на Еверглејдс и рекле: „Сфатете нè сериозно, ние не си одиме оттука“.
И навистина не си заминаа.
Каде се Семинолите денес?
Па, ако мислевте дека сè уште ловат алигатори со голи раце (иако веројатно можат), реалноста е уште пофасцинантна.
Денес тие се сериозни бизнис играчи.
Благодарение на својата сувереност, тие го започнаа бизнисот со коцкање (гејмблинг) во Америка, а во 2007 година го направија потегот на векот – го купија глобалниот бренд Hard Rock International за речиси милијарда долари!
Па, следниот пат кога ќе јадете бургер или ќе пиете коктел во некое Hard Rock кафе било каде во светот, сетете се дека профитот оди директно кај потомците на непокорените борци од Еверглејдс.
Каков историски пресврт, нели?
2. Џулија Татл
Жената која му „подметна“ цветови на еден милијардер💐
Како што шетавме низ градот, дознавме еден факт кој особено ги израдува жените во нашата група.
Мајами е единствениот голем американски град основан од жена – визионерката Џулија Татл.
Во 1891 година, оваа деловна жена купила огромно земјиште тука, кога местото било само мочуриште со комарци со големина на врапчиња.
Таа знаела дека му треба железница, па со години го молела магнатот Хенри Флаглер да ја донесе пругата на југ. Тој ја одбивал, сметајќи дека таму долу нема ништо освен дивина.
Но, тогаш се вмешала мајката природа (или женската лукавост).
Во зимата 1894 година, цела Флорида ја погодил страшен мраз кој ги уништил сите портокали – освен во Мајами.
Џулија не губела време. Спакувала букет свежи, миризливи цветови од портокал и му ги испратила на Флаглер во замрзнатиот север со порака: „Кај мене е пролет, повели дојди“.
Флаглер останал без зборови, ја пуштил железницата, а Мајами се основа во 1896 година.
Дечки, научете ја лекцијата:
Никогаш не потценувајте моќ на жена со букет цвеќе!🌺👑
3. Мајами во 30-тите и Ал Капоне:
Опасни момци на топло сонце🌞!!!
Како што се движевме низ градот, замислувавме како Мајами изгледал во 1930-тите.
Додека остатокот од Америка тагувал во Големата депресија, тука се леело шампањско на големо, и покрај Прохибицијата.
А каде што има илегален алкохол и многу пари, таму е и – Ал Капоне.
Најпознатиот чикашки гангстер сфатил дека му е премногу ладно во Чикаго, па во 1928 година си купил луксузна вила на Палм Ајленд во Мајами.
Локалните власти го мразеле, полицијата го апсела за секоја ситница само за да му го загорчи престојот, но тој уживал под палмите.
Всушност, токму од својата вила во Мајами, тој го испланирал и оркестрирал озлогласениот „Масакр на денот на Вљубените“ во Чикаго.
Жртвите биле седум членови на бандата на Багс Моран, главниот ривал на Ал Капоне во трговијата со нелегален алкохол во Чикаго.
Ал Капоне станува непријател број еден на ФБИ…
Тука се вратил и по Алкатраз, и тука ги поминал своите последни денови во пижами, лежејќи покрај својот базен до смртта во 1947 година.
Од брутален шеф на подземјето до пензионер од Флорида – Мајами навистина ги смирува и најдивите ѕверови.
4. Експлозијата во 50-тите:
Како Куба се пресели во Мајами
Во 50-тите години, Мајами веќе станал Мека за гламурот. Франк Синатра пеел во хотелот Fontainebleau, а коктелот Cuba Libre се пиел на секој агол.
Но, во 1959 година, кога Фидел Кастро ја презел власта во Куба, историјата на Мајами се менува.
Стотици илјади Кубанци кои бегале од режимот почнале масовно да пристигнуваат во градот.
Првата станица им била кулата Freedom Tower (која денес ја фотографиравме), каде што ги добивале своите документи.
Овие луѓе не само што се населиле, туку го трансформираа југозападниот дел на градот во заедницата „Мала Хавана“ (Little Havana).
Како група, кога влеговме таму, имавме чувство дека сме ја поминале границата без пасош.
Мирисот на силно
кубанско кафе (кое те буди побрзо од шамар), звукот на домино коцки кои тропаат во паркот Максимо Гомез и шпанскиот јазик кој одекнува од секаде, ни покажаа како една бегалска криза создаде нова, прекрасна културна ДНК на градот.
Првата пауза на прошетката по Мајами ја направивме токму тука во Little Havana во најпознатоит бар Ball&Chain со ладно пиво и прекрасна жива кубанска музика …Buena Vista Social Club во живо !!!👏😊🍻
5. Гламурозните 90-ти:
Модната писта на Версаче
Ах, 90-тите! Ерата кога Мајами стана премногу кул за обични луѓе. Главниот виновник за тоа?
Џани Версаче.
Кога се прошетавме по познатиот Оушн Драјв, застанавме пред неговата спектакуларна вила Casa Casuarina.
Во 1992 година, Версаче се заљубил во ова место и го претворил во палата со златни мозаици и базен обложен со 24-каратно злато.
Со него, во Мајами пристигна и целиот светски џет-сет. Одеднаш, ако не сте пиеле кафе со Наоми Кембел, Мадона, Елтон Џон или Синди Крафорд на Саут Бич, како да не сте постоеле.
Мајами стана модна писта каде секој сантиметар зрачеше со сексапил и луксуз. За жал, оваа златна бајка заврши трагично во 1997 година, кога Версаче беше убиен токму на скалите од вилата каде што стоевме и ние – место кое денес зрачи со некоја чудна, меланхолична убавина и мистика.
6. Музичкиот коктел:
Мадона, Естефан и Шакира💃🏻👓🌟🎺
Додека се возевме низ градот со отворени прозорци, од звучниците едноставно мораше да ечи латино ритам.
Мајами е плодна почва за музичка ренесанса.
Тука, во 80-тите и 90-тите, Глорија Естефан и нејзиниот сопруг Емилио (со Miami Sound Machine) буквално ги скршија бариерите и ги натераа Американците да танцуваат на кубански ритми.
Подоцна, Мадона ја користеше локалната клупска сцена за инспирација за своите албуми, а Шакира го направи Мајами своја главна база, каде што ги создаде своите најголеми хитови кои го освоија светот.
Овој град едноставно има ритам кој ви влегува под кожа – дури и насрамежливите членови од нашата група почнаа да ги нишаат колковите во ритамот на салсата по само два дена престој!
7. Денешниот Мајами:
Денес, Мајами поминува низ уште една хистерија – овојпат, технолошка и финансиска.
Поради одличните даночни олеснувања (читај: нема државен данок на доход), милијардерите сфатија дека е подобро да работат со поглед на океанот отколку во сиви канцеларии на северот.
Градот го доби прекарот „Волстрит на Југот“.
Џеф Безос, основачот на Амазон, го спакува куферот и се пресели тука, купувајќи три мега-имоти на ексклузивниот остров Индијан Крик, познат како „Бункерот на милијардерите“.
И не е единствен.
Негови соседи или чести гости во Брикел (финансиското срце на градот) се и хеџ-фонд магнатот Кен Грифин, коосновачот на PayPal Питер Тил, па дури и Марк Закерберг.
8. Мост помеѓу два света:
Она што најмногу нè воодушеви е тоа што Мајами не е ниту чисто американски, ниту чисто латиноамерикански град. Тој е совршен културен хибрид.
Па, што е тоа што ги поврзува овие два света тука?
Бизнисот и сигурноста:
Над 1.400 мултинационални компании ги водат своите операции за Латинска Америка од облакодерите во Брикел.
Јужна Америка ја носи својата економска енергија, а Северна Америка ја нуди правната и финансиската сигурност.
Јазикот служи како лепак за спојување 🗜️
Тука шпанскиот и англискиот јазик не се караат, туку живеат во совршен брак (наречен Spanglish).
Сосема нормално е да нарачате Café con leche на шпански, а кусурот да ви го вратат со американски долари и насмевка на англиски.
Уметноста и логистиката:
Меѓународниот аеродром е главната раскрсница на Америка, а настаните како Art Basel Miami Beach ги спојуваат богатите северноамерикански колекционери со најдобрите латино уметници.
За крај:
Неколку интересни факти за Мајами и Мајами Бич😉
Пред да се вратиме во нашиот прекрасен хотел Риу Плаза на уште еден коктел покрај базенот, водичот ни откри неколку забавни тајни:
1. Плажите се малку „лажни“:
Скоро целиот песок на Мајами Бич редовно се увезува со огромни бродови од Карибите бидејќи океанот постојано го одмива. Значи, технички, се сончавме на карипски песок во САД!
2. Спасител за војниците:
Лосионот за сончање Coppertoneе измислен токму тука во 1944 година од страна на фармацевтот Бенџамин Грин, кој првично го направил за да ги спаси војниците од изгореници за време на Втората светска војна.
3. Рај во два парка:
Ова е единствениот град во САД кој е буквално притиснат помеѓу два национални парка – Еверглејдс од лево (полн со алигатори) и Бискејн од десно (полн со корални гребени).
Мајами нè испрати со преубави спомени, бронзен тен и ветување дека еден ден пак ќе се вратиме.
Затоа,како што вели Армандо Кристијан Перес - Питбул:
Welcome to Miami!
Но ако сакаш историја, Куба, сонце и мултикултура во 3 минути – пушти го Will Smith со неговата маестрална изведба на хитот „Miami“.
Тоа е песна што звучи како возење по Collins Ave со спуштени прозори во 22:00, со мирис на море и музика од секој бар 🌴🚗
П.С. Сепак мој музички фаворит од Мајами што ме навраќа во младите години е Conga ( Конга) на Глорија Естефан и Miami sound machine 😉🏖️⚓️✨🥁🎷🪇